Градските власти на Берлин, германските вооружени сили и 12-те болници во градот вршат детални подготовки за мрачни сценарија, вклучително и воени судири што избувнуваат во главниот град на Германија. По две години подготовки, на болниците во Берлин им е презентиран план за да одговорат на разни сценарија за цивилна одбрана.
Целосниот план останува во тајност од безбедносни причини. Сепак, берлинскиот сенат ги презентираше важните ставки и тие вклучуваат одржување на услугите и на синџирите на снабдување потребни за болниците да останат оперативни, итна распределба на пациентите и обезбедување доволни резерви енергија, медицински материјали и лекови.
Кога Русија го анектираше Крим во 2014, германската влада одлучи да ја реорганизира цивилната одбрана на земјата, која беше запоставена по повторното обединување во 1990.
„Поради променетата проценка на заканите, стана неопходно да се прошири цивилната одбрана над она што беше потребно во последните години“, кажа сенаторката за здравство во Берлин, Ина Чибора.
Марк Шрајнер, генерален директор на Берлинската болничка асоцијација, рече дека редовните вежби за итни случаи ги одржуваат болниците добро подготвени да одговорат на акутни опасни ситуации.
„Новиот план покажа дека, сепак, има уште многу да се направи. Одредени потенцијални кризни ситуации, како воени конфликти или хибридни закани, бараат дополнителни подготовки. Мора да ја направиме нашата здравствена инфраструктура поотпорна на кризи“, рече Шрајнер.