Фридрих Мерц кажа дека се надева дека ќе успее да формира влада до Велигден откако неговиот конзервативен блок ЦДУ/ЦСУ победи на вчерашните парламентарни избори во Германија. Сепак, Мерц го чекаат сложени преговори за создавање коалиција откако ЦДУ/ЦСУ освои помалку од очекуваните 30% гласови и нагласи дека нема да коалицира со второпласираната Алтернатива за Германија (АфД), која забележа историски резултат за крајната десница.
Исто така, најверојатниот партнер на Мерц, досега владејачките Социјалдемократи, го забележаа својот најслаб резултат досега, освојувајќи само 16.4% гласови, по што актуелниот канцелар Олаф Шолц кажа дека тој нема да учествува во преговорите за формирање коалиција.
„Германците гласаа за промена. Обидите на Мерц да формира коалиција ќе завршат со неуспех и ќе имаме нови избори. Мислам дека нема да мора да чекаме уште четири години“, изјави лидерката на АфД, Алис Вајдел.
Мерц, кој зад себе нема никакво владино искуство, ја презема најголемата европска економија во периодот кога таа не е во добра состојба, општеството е силно поделено по прашањето на имиграцијата, а националната безбедност е заглавена помеѓу конфронтирачката Америка и наметливите Русија и Кина.
„За мене, апсолутен приоритет ќе биде да се зајакне Европа најбрзо што може, за да можеме да постигнеме вистинска независност од САД чекор по чекор“, кажа 69-годишниот Мерц.
Прелиминарните резултати велат дека ЦДУ/ЦСУ освоил 28,6% гласови, а АфД 20,8%, со тоа што крајната десница е убедливо пред останатите партии на истокот на земјата, каде што доби поддршка од 34% гласачи.
По колапсот на трипартиската коалиција на Шолц, Мерц побара силен мандат од гласачите за да може да формира коалиција само со уште една партија. Излезноста беше 83%, најголема од обединувањето на Германија во 1990, но земјата би можела да добие нова влада дури по неколку месеци.
Мерц, сепак, нема да мора да се потпре на поддршката од Зелените, откако новата партија БСВ, основана од бившата лидерка на Левица Сара Вагенехт, не го помина прагот од 5% освоени гласови за влез во Долниот дом на парламентот. Левица заврши на петтото место со 8,8% гласови, зад Зелените со 11,6.