Семејството на Михаел Шумахер кажа дека ќе го тужи германското списание „Актуел“, кое објави „интервју“ со седумкратниот светски првак во Формула 1 создадено со помош на вештачка интелигенција. Педесет и четиригодишниот Шумахер не е виден во јавност откако тешко ја повреди главата во скијачка несреќа во декември 2013.
„Актуел“ стави фотографија на насмеаниот Шумахер на насловната страница на своето последно издание, придружено со насловот „Михаел Шумахер, прво интервју“. Во поднасловот стои дека интервјуто звучи „измамнички реално“, а дури во текстот е наведено дека неговите изјави се создадени од вештачката интелигенција.
Семејството Шумахер потврди дека планира да го тужи списанието.
По несреќата во Франција, Шумахер беше ставен во вештачка кома, а дома беше префрлен дури во септември 2014. Оттогаш неговата состојба се држи во тајност. Пред две години, „Нетфликс“ објави документарец за Шумахер, но и во него ништо не се открива.
„Заедно живееме дома и правиме терапии. Правиме сè што можеме за да му биде подобро и поудобно на Михаел и да може да ја чувствува поврзаноста со семејството. Се обидуваме да продолжиме како семејство, онака како што Михаел сакаше. Тој секогаш ја чуваше нашата приватност и сега ние го чуваме него“, кажа неговата сопруга Корина во документарецот.