Шефот на германскиот институт „Роберт Кох“, Лотар Вилер, изјави дека е многу загрижен за порастот на бројот на нови случаи на коронавирус во земјата.
„Се наоѓаме среде пандемија која многу брзо се развива“, кажа Вилер.
Тој смета дека Германците станале несовесни и ги повика да носат маски и да одржуваат социјална дистанца. Во изминатата недела, во Германија се регистрирани 3.611 нови случаи на зараза. Германија вчера воведе задолжително бесплатно тестирање на сите патници кои се враќаат од високоризични земји и на оваа листа засега се наоѓаат САД, Бразил и Турција.
На денешната прес-конференција, Вилер за првпат им порача на Германците да носат маска надвор кога не можат да држат физичка дистанца од најмалку 1,5 метри. Досегашните препораки беа маска да се носи во јавни затворени простори.
„Уште не знаеме дали ова е почеток на втор бран, но би можел да биде. Оптимист сум дека можеме да го сопреме ако се почитуваат хигиенските мерки“, рече Вилер.
Во Германија денеска беа потврдени 633 нови случаи на коронавирус, речиси двојно повеќе во однос на вчера.