ГИСЛЕЈН МАКСВЕЛ КАЖА ДЕКА НЕ ЗНАЕ ЗА НИКАКОВ „СПИСОК НА КЛИЕНТИ“ НА ЕПСТАЈН, МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ПРАВДА НА САД ОБЈАВИ ТРАНСКРИПТ ОД ИНТЕРВЈУТО

    ГИСЛЕЈН МАКСВЕЛ КАЖА ДЕКА НЕ ЗНАЕ ЗА НИКАКОВ „СПИСОК НА КЛИЕНТИ“ НА ЕПСТАЈН, МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ПРАВДА НА САД ОБЈАВИ ТРАНСКРИПТ ОД ИНТЕРВЈУТОМаксвел во интервјуто рече дека знаела за Трамп и дека можеби го запознала за првпат во 1990, кога нејзиниот татко, медиумскиот магнат Роберт Максвел, бил сопственик на „Њујорк дејли њуз“. (Фото: АП)

    Гислејн Максвел, соработничка на Џефри Епстајн, во јули му рекла на висок функционер на Министерството за правда дека не знае а за никаков „список на клиенти“ што му припаѓа на покојниот финансиер и сексуален престапник и никогаш не го видела претседателот Доналд Трамп да се однесува несоодветно, според транскриптот од интервјуто објавено вчера.

    „Никогаш не сум го видела претседателот во никаква несоодветна средина на кој било начин“, рекла Максвел, според транскриптот од нејзиното дводневно интервју минатиот месец со заменик-главниот обвинител Тод Бланш. „Претседателот никогаш не бил непристоен со никого“.

    Максвел во интервјуто рече дека знаела за Трамп и дека можеби го запознала за првпат во 1990, кога нејзиниот татко, медиумскиот магнат Роберт Максвел, бил сопственик на „Њујорк дејли њуз“.

    „Можеби го запознав Доналд Трамп во тоа време, бидејќи татко ми беше пријателски настроен кон него и многу го сакаше“, рече Максвел, според транскриптот.

    Максвел рече дека татко ѝ ја сакал тогашната сопруга на Трамп, Ивана, „бидејќи и таа била од Чехословачка, од каде што потекнувал и татко ми“.

    Министерството за правда на САД објави транскрипт од интервјуто што неговиот втор по ранг раководител го направи со Максвел, затворената поранешна девојка на Џефри Епстајн, додека администрацијата на Трамп се обидува да се претстави како транспарентна, среде жестоката реакција поради претходното одбивање да открие мноштво записи од случајот за трговија со луѓе.

    Објавувањето е најнов напор на администрацијата на Трамп да ја поправи самонанесената политичка штета, откако не успеа да ги исполни очекувањата што нејзините функционери ги создадоа преку теории на заговор и смели изјави што никогаш не се остварија. Со објавување на интервјуата што траеле два дена, функционерите се чини дека се надеваат барем привремено да го спречат гневот од базата на претседателот Доналд Трамп, дури и додека продолжуваат да кријат други докази за кои сугерираа дека се подготвуваат за јавно објавување.

    Максвел, некогашна личност од високото општество, која беше осудена во 2021 за помагање во намамување тинејџерки да бидат сексуално злоставувани од Епстајн, минатиот месец беше испрашувана два дена од заменик-јавниот обвинител Тод Бланш во судница во Флорида. По испрашувањето, Максвел беше преместена од федералниот затвор со низок степен на обезбедување во Флорида, каде што отслужува 20-годишна казна, во затворски камп со минимален степен на обезбедување во Тексас. Ниту нејзиниот адвокат ниту Федералното биро за затвори не ја објаснија причината за преместувањето.

    Случајот со Епстајн долго време го привлекуваше вниманието на јавноста, делумно поради социјалните врски на богатиот финансиер низ годините со истакнати личности, меѓу кои и принцот Ендрју, поранешниот претседател Бил Клинтон и Трамп, кој рече дека неговата врска со Епстајн завршила пред години. Епстајн беше уапсен во 2019 под обвинение за трговија со луѓе, обвинет за сексуална злоупотреба на десетици тинејџерки, а еден месец подоцна беше пронајден мртов во затворска ќелија во Њујорк, што истражителите го сметаа за самоубиство.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира