Ирански проектил ја погодил главната болница во јужен Израел, при што има повредени и е причинета голема штета, кажа портпаролката на болницата. Се верува дека медицинскиот центар „Сорока“ во Бершева бил директно погоден.
Иран испукал десетици проектили во последниот напад врз Израел, еден од најголемите од почетокот на конфликтот.
Израелските итни служби објавија дека во нападот врз болницата има најмалку 40 повредени. „Сорока“ располага со 1.000 кревети и опслужува еден милион луѓе од јужен Израел.
Иранската новинска агенција ИРНА објави дека цел на нападот биле воени објекти што се наоѓаат веднаш до болницата.
„Болницата не е директно погодена, туку била изложена на ударот од нападот врз команден центар на Израелските одбранбени сили и воен разузнавачки камп“, објави ИРНА.
Во исто време, израелски борбени авиони ја нападнале иранската нуклеарна постројка Арак, каде што се произведува плутониум. Иранските медиуми објавија дека нема опасност од ширење на радијацијата по нападот. Израел претходно ги предупредил локалните жители да се евакуираат.
Според иранска група за човекови права со седиште во Вашингтон, во израелските напади досега загинале најмалку 639 луѓе, од кои 263 цивили.