Огромен број луѓе се придружија на денешната 24-часовна блокада на најважната сообраќајница во Белград во населбата Автокоманда. Оваа блокада е продолжение на повеќемесечните студентски протести, кои почнаа по трагедијата во Нови Сад, кога загинаа 15 луѓе во уривањето на настрешницата на железничката станица.
Блокадата започна во 10 часот и студентите ги повикаа граѓаните да им се придружат. Тие кажаа дека блокадата е замислена како мирен протест кој јасно испраќа порака, но притоа не смее да има инциденти и непотребни ризици. Студентите порачаа дека автопатот нема да биде блокиран.
Покрај традиционалните 15 минути тишина, блокадата ќе биде проследена и со разни активности.
Претседателот Александар Вучиќ се огласи на Инстаграм, каде што кажа дека собирот во Автокоманда е противзаконски и на граѓаните на Србија им најави важни вести во попладневните часови.