Големи делови од Шпанија и Португалија денеска останаа без струја. Шпанскиот оператор на електричната мрежа „Ред Електрика“ потврди дека има прекини во електроснабдувањето низ земјата.
„Се работи на обновување на снабдувањето со електрична енергија и се анализираат причините за прекините. Сите ресурси се посветени на решавањето на проблемот“, објави операторот на Икс.
Шпанската национална железничка компанија „Ренфе“ кажа дека сите возови се запрени и нема заминувања од станиците. Локалните медиуми објавија дека во центарот на Мадрид се создал сообраќаен метеж зашто не работат семафорите. Во прекин се и мечевите на тенискиот турнир Отворено првенство на Мадрид.
На мадридскиот аеродром „Барахас“ се одложени летови, а погодено е и метрото во Мадрид, Барселона и Севилја.
Во Португалија, полицијата кажа дека е затворена подземната железница во Лисабон и Порто, возовите не сообраќаат и не работат семафори. Струја снемало и во соседната Андора и во пограничните делови на Франција.