Пожарникарите во понеделник вечер продолжија со напорите да ги локализираат трите пожари близу Атина, но силните ветрови и распространетоста на пожарите на три различни места им создаваат проблеми. Грчкиот премиер Алексис Ципрас ја прекина посетата на Мостар и се врати во Атина, а регионалните власти прогласија вонредна состојба.
Повеќе од 20 граѓани се хоспитализирани со изгореници, а за двајца е потврдено дека починале, иако има извештаи за повеќе мртви. Очевидец за агенцијата „Ројтерс“ кажа дека видел четири тела на улиците на Мати, гратче на исток од Атина.
Три села беа евакуирани попладнето, како и неколку детски кампови, а крајбрежната стража е во потрага по брод со странски туристи, кои побегнале откако избувнал пожарот во Мати.