Лидерот на социјалистите Педро Санчез ќе стане нов премиер на Шпанија, откако по гласањето за недоверба во парламентот денеска падна конзервативната влада на Маријано Рахој. Тој вети дека ќе се занимава со социјалните итни случаи на граѓаните по неколкугодишните мерки за штедење. Санчез, познат и под прекарот „Господин Згоден“, досега лидер на најголемата опозициска партија во Шпанија, може да положи свечена заклетва пред кралот Фелипе Шести веќе утре и да го назначи својот кабинет во текот на следните денови.
46-годишниот Санчез е на чело на четвртата по големина економија на еврозоната, во време кога Европската унија мора да ги реши бројните проблеми, меѓу кои и претстојното заминување на Британија од блокот и политичките тензии околу десетици илјади мигранти кои уште влегуваат на континентот од Северна Африка. На домашен фронт, Санчез ќе ја предводи малцинската влада која ќе треба да преговара за потенцијално тешки договори со другите партии за да се усвојуваат законите.
Педро Санчес се појави како сосем непознат за да победи на изборите на Шпанската социјалистичка партија во 2014. Фотогеничен и поранешен кошаркар, ги освои членовите со ветување за обединување на поделената партија и враќање на социјалистите на власт. Сепак, тој подоцна доживеа два изборни порази, во 2015 и 2016. На крајот беше принуден да поднесе оставка откако неговото одбивање да го поддржи Маријано Рахој ја понесе земјата во продолжен политички ќор-сокак, а неговата партија во огорчена внатрешна битка за превласт. Месеци подоцна тој ги збуни многуте критичари со тоа што се врати и победи на партиските избори.
Уставот на Шпанија вели дека партијата која ја покренува иницијативата за гласање недоверба мора да биде подготвена да управува и да го замени сменетиот премиер ако парламентарното мнозинство го поддржи тоа.
Затоа овој умерен, но амбициозен 46-годишник од Мадрид е назначен за нов премиер на Шпанија, и покрај фактот што неговата партија има помалку од една четвртина од местата во Конгресот.