ГОСПОДИНЕ ГОРБАЧОВ, УРНЕТЕ ГО ТОЈ ЅИД! – РОНАЛД РЕГАН ДОБИ СПОМЕНИК ВО БЕРЛИН 32 ГОДИНИ ПО СЛАВНИОТ ГОВОР

    ГОСПОДИНЕ ГОРБАЧОВ, УРНЕТЕ ГО ТОЈ ЅИД! – РОНАЛД РЕГАН ДОБИ СПОМЕНИК ВО БЕРЛИН 32 ГОДИНИ ПО СЛАВНИОТ ГОВОРСтатуата е поставена на терасата на американската амбасада, со поглед кон Бранденбуршката порта

    Бронзена скулптура на поранешниот американски претседател Роналд Реган е откриена во Берлин во рамките на одбележувањето на 30-годишнината од падот на Берлинскиот ѕид, момент со кој беше најавен крајот на Студената војна.

    Во отсуство на Доналд Трамп, два метра високата статуа ја отвори државниот секретар на САД Мајк Помпео, нарекувајќи го тоа „монументален момент“. Таа е поставена на терасата на американската амбасада, со поглед кон Бранденбуршката порта, каде што Реган го одржа својот славен говор во 1987 година, кога го повика советскиот лидер Горбачов да го поддржи мирот и да го урне ѕидот.

    Реган веќе не беше претседател кога падна ѕидот, откако во Белата куќа беше наследен од Џорџ Буш.

    Во својот говор на 12 јуни 1987, Реган кажа дека мирот и просперитетот ќе дојдат само ако се урне ѕидот. Тој падна нешто повеќе од две години подоцна, почнувајќи со настаните од 9 ноември, кои уследија по масовните протести во Берлин.

    Лидерите на Источна Германија се обидоа да ги смират протестите, ветувајќи олеснет режим на патување за жителите, но немаа намера целосно да ги отворат границите. На 9 ноември по грешка беше објавено дека новата мерка веднаш стапува на сила, па Источногерманците нагрнаа на границата во огромен број. Наспроти нив, стоеле само неколкумина вооружени војници, кои не знаеле што да прават, па за да се избегне крвопролевање, решија да ги пуштат луѓето.

    До 1961 година, повеќе од 2,6 милиони луѓе пребегнаа во Западен Берлин и за да се спречи натамошен егзодус, властите на Источна Германија решија да изградат ѕид. Тоа беше направено буквално преку ноќ, на 13 август, прво со поставување на бодликава жица. Долг 153 километри и висок четири метри, ѕидот беше опремен и со 300 чуварски кули и се верува дека над 130 луѓе биле убиени во обидите да преминат на другата страна.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира