Градоначалничката на Вашингтон Мјуриел Баузер нареди воведување полициски час во главниот град на САД со почеток од 18 часот по локално време, откако демонстранти влегоа во Конгресот во обид да го спречат прогласувањето на Џо Бајден за нов претседател. Полицискиот час ќе трае до 6 часот наутро утре.
Приврзаниците на Доналд Трамп се судрија со полицијата на протестот против резултатите на неодамнешните претседателски избори, на кои победи неговиот противкандидат Бајден.
Демонстрантите успеаја да ги пробијат полициските барикади поставени околу Капитол во пресрет на денешната заедничка седница на Сенатот и Претставничкиот дом, заземајќи ги скалите. Дел од нив потоа успеаја да влезат во зградата.
На конгресмените и сенаторите, кои се забарикадирани во конгресната сала, им е кажано да лежат на подот и да стават гас маски.