ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА КОМО ЗАБРАНИ ВОЗЕЊЕ ВЕЛОСИПЕДИ ВО ЦЕНТАРОТ ОТКАКО БИЛ УДРЕН ОД ЕЛЕКТРИЧЕН ВЕЛОСИПЕД

    ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА КОМО ЗАБРАНИ ВОЗЕЊЕ ВЕЛОСИПЕДИ ВО ЦЕНТАРОТ ОТКАКО БИЛ УДРЕН ОД ЕЛЕКТРИЧЕН ВЕЛОСИПЕДГрадоначалникот Рапинезе вели дека мерката е неопходна заради зголемување на јавната безбедност. - Комо (Фото: Пекселс)

    Градоначалникот на Комо, Алесандро Рапинезе, воведе забрана за возење велосипеди во одредени делови од историскиот центар на градот откако претходно бил удрен од електричен велосипед.

    Рапинезе вели дека мерката е неопходна заради зголемување на јавната безбедност. Со новата одлука, која стапува во сила од септември, велосипедистите ќе мора да се симнат од велосипедите и да ги водат пешки низ појас од околу 30 улици. За италијанската новинска агенција „Анса“ тој изјави дека луѓето постапуваат врз основа на сопствените искуства и оти лично знае какво е чувството да се биде удрен од такво возило.

    Мерката е дел од нов пакет сообраќајни прописи со кои се воспоставува зона на ограничен сообраќај со цел полесно управување со зголемениот број туристи и наметнување построги правила за автомобилите и комбињата во градското јадро. Забраната ги опфаќа и електричните и обичните велосипеди, бидејќи италијанскиот закон за сообраќај не прави разлика меѓу овие категории. Многу од опфатените улици се меѓу најшироките во стариот дел на градот и често ги користат доставувачите.

    Својата одлука Рапинезе ја образложи и преку видеоснимка во рамки на сопствениот онлајн серијал „Рапињуз24“. Тој раскажа дека инцидентот се случил во јули при излегување од градското собрание, непосредно по завршувањето на состанокот на општинската администрација посветен токму на сообраќајните ограничувања. Идентитетот на велосипедистот не е познат. Градоначалникот додаде дека по незгодата не завршил во болница, но веднаш побарал соодветни податоци и врз основа на нив ја донел мерката.

    Јадрото на Комо, опкружено со римски ѕидини, веќе беше под режим на ограничен сообраќај, при што велосипедот важеше за главно транспортно средство за локалното население. Новите правила предвидуваат за одредени моторни возила да се издава годишна дозвола или дневна карта по цена од три евра. Доставите за продавниците и рестораните ќе можат да се вршат единствено од 6 до 23 часот, додека туристите ќе смеат да влезат со автомобил во центарот само доколку хотелот каде што престојуваат поседува сопствен паркинг.

    Одлуката наиде на остар отпор кај локалните жители, кои веќе покренаа онлајн петиција за поништување на регулативата. Граѓанската иницијатива Чивитас Комо ја оцени забраната како неоснована и погрешна, додека здружението Нова Комо за 12 септември организираше протестно возење со велосипеди.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира