Со цел да им се олесни на преуморните лекари во државните болници додека повторно се зголемува бројот на заразени со коронавирусот, грчкото министерство за здравство вчера им нареди на 85 лекари од приватниот сектор да се стават во служба на националниот здравствен систем.
Полицајци им ги доставија соодветните документи на лекарите, кои денеска мора да се појават во болниците. Тие ќе работат во државните болници еден месец.
Грчката влада само ден порано донесе одлука со која се овозможува овој потег, а оние што ќе одбијат, можат да се соочат и со казна до три години затвор.
Поради четвртиот бран на пандемијата, болниците, особено во северниот дел на Грција, се преплавени со пациенти веќе со недели. Поради тоа, владата во почетокот на месецов ги повика приватните лекари да волонтираат во болниците, но се одзваа само 40-ина.
Според асоцијацијата на болничките лекари, на Грција ѝ се потребни уште најмалку 150 специјалисти.