Девет месеци по катастрофалните пожари на Родос, Грција почна да им нуди бесплатен одмор на илјадници туристи кои лани беа принудени да бегаат од огнот. Грчките власти тврдат дека ова е прва ваква иницијатива во светот, при што од оваа недела, 25.000 туристи ќе можат да се пријават за компензација.
„Шемата функционира како што вети премиерот. Тоа беше доста сложен процес, но мислам дека сме први во светот кои направиле вакво нешто“, изјави генералниот секретар на грчкото министерство за туризам Мирон Флоурис.
Според програмата, луѓето кои минатиот јули престојувале во хотелите кои беа евакуирани поради пожарите ќе добијат ваучери од 500 евра за да си го покријат сместувањето за седум дена. Иницијативата ќе се одвива во две фази: од оваа недела до 31 мај и од 1 октомври до 15 ноември.
„Секој кој престојувал во погодените области ќе може да се пријави. Досега веќе има повеќе од 5.000 регистрации“, изјави шефот на унијата на хотелиери на Родос, Јанис Папавасилиу.
Премиерот Кирјакос Мицотакис ја најави шемата набргу откако илјадници луѓе беа принудени да си го прекинат одморот, од кои многумина беа Британци.