Грчките земјоделци продолжија со блокадите на главните автопатишта, проширувајќи ги протестите од Тесалија до Македонија, Тракија, Епир и западните региони, додека бројот на трактори на патиштата продолжува да расте. Најголемото нарушување е во Тесалија, каде што националниот автопат Солун-Атина главно останува затворен за редовниот сообраќај.
Во централна Македонија, земјоделците ги блокираат јужните ленти од автопатот Солун-Атина кај Малгара од 1 декември, со повремени прекини во северниот правец. Блокади се формирани и на граничните премини со Македонија и Бугарија, вклучително и кај Евзони и Промахонас, каде што земјоделците размислуваат за заострување на ограничувањата за меѓународен товарен транспорт.
Повеќе конвои се собраа во северна Грција, вклучително и во Верија, Халкидона, Пела и Лерин, каде што земјоделците планираат маршеви кон граничните премини.
Земјоделците реагираат за задоцнети субвенции и бараат исплати на надоместоци, пониски трошоци за производство и поголема поддршка за одгледувачите на добиток погодени од неодамнешната епидемија на сипаници, што ги десеткуваше стадата овци и кози. Тие најавуваат засилување на блокадите во следните денови.



