ГРЦИЈА ГИ БАРА ПРИЧИНИТЕ ЗА СУДИРОТ НА ВОЗОВИТЕ ВО КОЈ ЗАГИНАА 38 ЛУЃЕ, ОД ЖЕЛЕЗНИЦАТА ВЕЛАТ ДЕКА ЕЛЕКТРОНСКАТА СИГНАЛИЗАЦИЈА НЕ РАБОТЕЛА

    ГРЦИЈА ГИ БАРА ПРИЧИНИТЕ ЗА СУДИРОТ НА ВОЗОВИТЕ ВО КОЈ ЗАГИНАА 38 ЛУЃЕ, ОД ЖЕЛЕЗНИЦАТА ВЕЛАТ ДЕКА ЕЛЕКТРОНСКАТА СИГНАЛИЗАЦИЈА НЕ РАБОТЕЛАОстанува нејасно како двата воза се нашле на истата пруга во моментот на несреќата (Фото: АП)

    Бројот на загинати во синоќешната железничка несреќа близу грчкиот град Лариса порасна на 38, додека шест лица остануваат во критична состојба во болница. Се верува дека трагичниот биланс ќе расте, откако, според локалните медиуми, двата воза директно се судриле при брзина од 160 километри на час, што предизвикало пожар во првите два вагона, како и излетување на третиот и четвртиот од шините.

    Властите велат дека и идентификацијата на жртвите ќе оди многу тешко, зашто пожарот во вагоните развил температура од 1.300 Целзиусови степени. Роднини на луѓе исчезнати во несреќата почнале да даваат примероци од ДНК со цел да се идентификуваат телата.

    Останува нејасно како двата воза се нашле на истата пруга во моментот на несреќата. Патничкиот воз со 342 патници, меѓу кои имало многу студенти, сообраќал на линијата Атина-Солун, додека товарниот воз се движел од Солун кон Лариса кога се судриле синоќа пред полноќ.

    Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис изјави вечерва дека човечка грешка е причина за несреќата.

    Правдата ќе ја заврши својата работа. Некои ќе ја понесат одговорноста, а државата ќе биде на страната на луѓето“, кажа тој.

    Грчките медиуми јавуваат дека софтверот за електронска сигнализација не работел, поради што ова се правело рачно. Синдикатите на вработените во железницата, пак, се жалат на хроничен недостиг на кадар и ресурси. Според нив, 750 луѓе моментално се вработени во железницата, далеку од потребните најмалку 2.100.

    Еден од синдикалните лидери Јанис Дицас кажа дека само дел од системот за сигнализација од Атина до Солун е комплетиран, додека остатокот се врши рачно.

    Постојано зборуваме за тоа во изминатите 25 години“, кажа Дицас.

    Министерот за транспорт Костас Караманлис поднесе оставка, преземајќи политичка одговорност за несреќата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира