Лидерот на грчката крајнолевичарската милитантна група „17 ноември“, која уби 23 лица, меѓу нив индустријалци, дипломати и шеф на станица на ЦИА, е ослободен од затвор со максимална безбедност, соопштија официјални лица. Одлуката сега ја преиспитува виш обвинител.
Судски совет го одобри условното ослободување на Александрос Јотопулос (82) врз основа на напредна возраст, влошување на здравјето и добро однесување во затворот. Но, обвинител од Врховниот суд на Грција би можел да се обиде да ја оспори одлуката.
„17 ноември“ ги избегнуваше властите повеќе од 25 години, додека извршуваше бомбашки напади, атентати и грабежи на банки. Првиот регистриран напад на групата беше фаталното пукање во Атина во 1975, кога беше убиен Ричард Велч, шефот на станицата на ЦИА во Грција.
Строгата тајност на организацијата се разоткри по неуспешниот бомбашки напад во 2002, во кој еден член беше сериозно повреден, што им помогна на истражителите да ги откријат операциите и членството на групата.
Јотопулос, кој е роден во Париз и живеел со години под лажен идентитет, отслужуваше 17 доживотни казни затвор плус 25 години. Тој беше осуден во 2003 за организирање убиства, бомбашки напади и грабежи, како и за учество во криминална организација.
„17 ноември“ ја презеде одговорноста за низа напади, вклучувајќи ги убиствата на двајца вработени во турската амбасада и на Стивен Сондерс, британскиот аташе за одбрана во Грција. Тројца од 15-те оригинални членови на „17 ноември“ остануваат во затвор.



