Одбранбениот штит на Грција ќе добие значајно засилување бидејќи Емануел Макрон планира да ја стави земјата под францускиот „нуклеарен чадор“, објави весникот „Катимерини“. Грција е една од осумте европски држави кои ќе бидат вклучени во планот, што Макрон треба да го објави денеска, при посетата на поморската база Ил Лонг, која е дом на четири француски нуклеарни подморници.
Францускиот план е поддржан од другата европска нуклеарна сила Велика Британија и има за цел да ја зајакне стратешката автономија на Европа и да ја намали нејзината зависност од САД.
Според „Катимерини“, планот ќе се спроведува преку билатерални договори. Во моментов, Грција е единствената јужноевропска држава која ќе биде вклучена во планот. Останатите се централни и северни држави, кои се изложени на подиректна закана од Русија.
Планот ќе вклучува вежби, евентуално формирање заеднички штаб и посветеност на меѓусебна нуклеарна поддршка во случај на војна. „Катимерини“ дознава дека билатералните разговори треба да почнат летово. Најавено е дека Макрон ќе ја посети Грција во април.
Германија исто така изрази спремност да се приклучи на „нуклеарниот чадор“, што го најави на неодамнешната Минхенска безбедносна конференција.



