ГРЦИЈА ПОДГОТВУВА ЦЕЛОСНА ЗАБРАНА ЗА ЕЛЕКТРИЧНИ ТРОТИНЕТИ ЗА МАЛОЛЕТНИЦИ ПО СЕРИЈА СМРТНИ СЛУЧАИ

    ГРЦИЈА ПОДГОТВУВА ЦЕЛОСНА ЗАБРАНА ЗА ЕЛЕКТРИЧНИ ТРОТИНЕТИ ЗА МАЛОЛЕТНИЦИ ПО СЕРИЈА СМРТНИ СЛУЧАИГрчкото министерство за транспорт разгледува законско решение за целосна забрана за управување на овие возила за лица под 18 години. (Фото: СДК.МК)

    Грчката влада се подготвува за воведување поригорозни контроли и построги правила за употреба на електрични тротинети по неколкуте сообраќајни несреќи со фатални последици во кои учествуваа малолетници. Меѓу последните трагични настани кои ја вознемирија грчката јавнос се смртта на 13-годишно дете во Илија и тешката сообраќајна незгода во Аспропиргос каде учествуваше 12-годишник.

    Министерството за транспорт разгледува законско решение за целосна забрана за управување на овие возила за лица под 18 години. За полнолетните корисници се планира воведување задолжително осигурување, како и драстично зголемување на казните за возачите и за компаниите кои изнајмуваат тротинети. Заменик-министерот за транспорт Константинос Киранакис најави дека новата легислатива набрзо ќе биде ставена во процедура.

    Министерот Михалис Хрисохоидис вели дека тротинетите мора да функционираат во рамките на одредено ниво на безбедност. Тој додава дека забраната за лица под 18 години е прв приоритет, посочувајќи на проблемот со надоместот на штета во случаи на евентуални судири со пешаци или други учесници во сообраќајот.

    Од Грчката асоцијација на транспортни инженери укажуваат на фактот дека на пазарот слободно се продаваат модели на тротинети кои можат да развијат брзина од 70 до 100 километри на час, иако законското ограничување на патиштата изнесува 25 километри на час. Стручната јавност во земјата е поделена околу тоа дали решението е во целосните забрани или во поголеми инвестиции во патната инфраструктура.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира