Грција денеска е парализирана од генерален штрајк, при што вработените од јавниот и приватниот сектор се обединија за да протестираат против најавените измени на законот за работни односи. Траектите останаа во пристаништата, таксистите и возовите во Атина нема да возат 24 часа, додека автобусите, трамваите и метрото имаат намален возен ред.
Штрајкот наруши и бројни јавни служби, вклучувајќи ги училиштата, судовите, болниците и општините. Најавени се два протестни марша во Атина, како и демонстрации во други градови.
Синдикатите кои ги претставуваат државните службеници и вработените во приватниот сектор го свикаа штрајкот во знак на протест против промените на законот за труд со кои ќе се воведе поголема флексибилност за работодавците, вклучително и прекувремена работа што би можела да ги продолжи смените до 13 часа на ден. Според новите прописи, работното време што вклучува прекувремена работа би било ограничено на 48 часа неделно, со максимално дозволени 150 прекувремени часови годишно. Законот треба да биде одобрен во парламентот овој месец.
„Ние велиме ‘не‘ на 13-часовната смена. Исцрпеноста не е развој, човечката толеранција има граници“, се вели во соопштението на синдикатот Општа конфедерација на грчки работници.
Синдикатот побара работна недела од 37 и пол часа и враќање на колективните договори.