Грција ќе воведе полициски час во областите најпогодени од коронавирусот, објави премиерот Кирјакос Мицотакис, а носењето маска ќе биде задолжително и на отворено.
Општата забрана за движење ќе биде на сила од половина час по полноќ до пет часот во високо ризичните подрачја, вклучувајќи го и главниот град Атина. Новата мерка ќе стапи на сила в сабота.
Во северните региони Кожани и Касторија веќе е воведен карантин, а под зголемен надзор ќе бидат и други делови на северот на земјата и Атика, на која ѝ припаѓа и Атина.
Во Грција денеска има 882 нови случаи на коронавирус, најмногу во еден ден од почетокот на епидемијата.
„Целта е да се ограничат движењето и собирите во ноќните часови, кои се клучни за ширењето на вирусот. Младите имаат одговорност да помогнат да се запре ширењето. Сега не е време за тајни забави, бидејќи вирусот оттаму се шири меѓу семејствата“, изјави Мицотакис.