„ГУГЛ“ ЈА ЗАПРЕ НЕЛЕГАЛНАТА ИЗГРАДБА НА ДАТА-ЦЕНТАР ЗА ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ВО БЕЛГИЈА

„ГУГЛ“ ЈА ЗАПРЕ НЕЛЕГАЛНАТА ИЗГРАДБА НА ДАТА-ЦЕНТАР ЗА ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ВО БЕЛГИЈАПроектот со месеци е предмет на правен спор, откако „Гугл“ поднесе барање за измена на условите во својата дозвола за градба при што наместо предложениот систем за ладење со воздух, да користи метод што би црпел вода од блиската река Самбр. (Фото: Датацентерс.ком)

„Гугл“ ја запре изградбата на центар за податоци (дата-центар) наменет за вештачка интелигенција (ВИ) – градба што белгиските власти ја нарекоа нелегална. Американската технолошка компанија соопшти дека ги прекинала работите во Фарсиен „до добивање дополнителни насоки“.

Компанијата е обвинета дека нема соодветна дозвола за градба, што, според Николас Јерно, портпарол на владата на Валонија, претставува „сериозен прекршок“.„Гугл“ во изјава вели: „Присутни сме во Белгија повеќе од 15 години и остануваме посветени на почитување на локалните закони“.

Сè посилни се реакциите против изградбата на центри за податоци – кои се во срцето на експанзијата на вештачката интелигенција – поради загриженоста за количината на енергија што ја трошат.

Овој конкретен проект со месеци е предмет на правен спор, откако „Гугл“ поднесе барање за измена на условите во својата дозвола за градба. Според локалните медиуми, технолошката компанија сакала да го промени предложениот систем за ладење: наместо ладење со воздух, да користи метод што би црпел вода од блиската река Самбр.

Регионалните власти го одбиле ова барање, но работата на локацијата продолжила, што предизвикало загриженост кај локалното население и кај еколошките групи.

„Тоа што ‘Гугл’ продолжува да гради без дозвола претставува непочитување кон животната средина, локалните жители и законот“, изјави Јури Тајс од „Гринпис Белгија“. „Последиците од климатската криза само ќе се влошуваат. Во таа смисла, изградбата на центри за податоци кои трошат огромни количества енергија не смее да помине незабележано“, додаде тој.

Судско рочиште за овој случај е закажано за почетокот на новата година.

Според „Дата-центар мап“, платформа која ги следи активните центри за податоци, како и оние што се во фаза на подготовка, во светот постојат околу 13.500 такви центри, од кои 54 се наоѓаат во Белгија.

САД имаат повеќе од 5.200 вакви центри – најмногу во споредба со која било друга земја. Нивното масовно ширење стана актуелна тема за време на среднорочните избори, при што во три сојузни држави беа избрани демократски сенатори и гувернери кои се залагаат за построга регулатива за центрите за податоци.

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира