Мило Ѓукановиќ призна дека веројатно нема да има доволно мандати за повторно да формира влада, со што по цели 30 години би можел да оди во опозиција.
Неговата Демократска партија на социјалистите останува најсилната поединечна партија во Црна Гора и по вчерашните парламентарни избори, додека коалицијата што ја предводи Одлучно за Црна Гора освои 35,12% од гласовите, што ќе ѝ донесе само 30 мандати.
„Она што во овој момент е јасно е дека со традиционалните партнери имаме 40 мандати. Борбата за мнозинството и натаму трае. Ќе ги почекаме официјалните резултати од Државната изборна комисија“, изјави Ѓукановиќ.
На коалицијата За иднината на Црна Гора ќе ѝ припаднат 27 мандати, но со останатите две опозициски коалиции Мир е нашата нација (десет) и Црно на бело (четири) ќе има тесно мнозинство во новиот состав на парламентот, односно еден пратеник повеќе.
„ДПС е во состојба да призна резултат кој е поинаков од нејзините очекувања“, кажа Ѓукановиќ.
Лидерите на опозицијата ја поддржаа идејата за формирање експертска влада која би ја водела земјата до излегувањето од економската криза.