ХАКИРАНИ ФРИЖИДЕРИ ВО ФРАНЦУСКИТЕ СУПЕРМАРКЕТИ, СЕ РАСИПАЛА ХРАНА ВРЕДНА МИЛИОНИ ЕВРА

    ХАКИРАНИ ФРИЖИДЕРИ ВО ФРАНЦУСКИТЕ СУПЕРМАРКЕТИ, СЕ РАСИПАЛА ХРАНА ВРЕДНА МИЛИОНИ ЕВРАЦелосните размери на нападот не се јасни (Фото: АП)

    Стотици француски супермаркети беа погодени од сајбернапад што доведе до загревање на нивните фрижидери и комори за замрзнување, при што се расипа свежа и замрзната храна во вредност од неколку милиони евра. Хакерите презеле контрола врз софтверот што ја регулира температурата на уредите за ладење, предизвикувајќи некои од нив да се загреат до 50 Целзиусови степени во текот на ноќта.

    Извршниот директор на „Кооператив У“ изјави дека неколку од нивните супермаркети биле погодени од овој „сериозен напад без преседан“.

    Според новинската агенција „АФП“, на мета се нашле повеќе од 100 супермаркети од овој синџир, а биле погодени и најмалку 300 продавници на „Интермарше“ и „Нето“.

    Нападот, кој бил насочен кон софтвер обезбеден од данската инженерска компанија „Данфос“, погодил и други големи трговци со храна. Софтверот им овозможува на трговците далечински да управуваат со своите уреди за ладење.

    Вообичаено, коморите за замрзнување во супермаркетите минуваат низ краток период на одмрзнување во текот на ноќта, при што температурата благо се зголемува. Во овој случај, хакерите им дале наредба на уредите да се загреат и да останат загреани.

    Целосните размери на нападот не се јасни, но податоците од поединечни трговски ланци укажуваат на тоа дека биле погодени околу 500 продавници од вкупно 15.000 во Франција.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира