Премиерот Марк Руте најави воведување полициски час во Холандија што би траел од 20:30 до 4:30 часот, додека земјата се подготвува за трет бран на коронавирусот.
Новите рестрикции ќе стапат на сила в петок и вклучуваат задолжително тестирање за коронавирус на сите кои доаѓаат со авион во Холандија и забрана за сите летови и траекти од Велика Британија, а дома ќе може да се прима само еден гостин постар од 13 години.
„Полека излегуваме од ова, но мора уште еднаш добро да се подготвиме, затоа што доаѓаат попреносливи варијанти на коронавирус. Експертите предупредуваат дека доаѓа трет бран и тоа мора да го сфатиме сериозно“, изјави министерот за здравство Хуго де Јонге.
Одлуката за полициски час, кој би траел до 10 февруари, треба да биде одобрена од парламентот, додека останатите мерки владата може веднаш да ги спроведе.
„Со полициски час сакаме да спречиме одење на гости и групирања, со што би се успорило ширењето на заразата“, соопшти владата.
Ова следува откако и Германија го продолжи карантинот најмалку до 14 февруари и притоа дополнително ги заостри мерките, воведувајќи задолжително носење маска во продавници и јавен превоз.