ХОЛАНДСКАТА КРАЛИЦА МАКСИМА ПОЧНА ВОЕНА ОБУКА НА 54 ГОДИНИ

    ХОЛАНДСКАТА КРАЛИЦА МАКСИМА ПОЧНА ВОЕНА ОБУКА НА 54 ГОДИНИХоландската кралска палата соопшти дека кралицата, „како и многу други, сака да даде свој придонес за безбедноста“. (Фото: МО на Холандија)

    Холандската кралица Максима (54), сопруга на кралот Вилем-Александар која е родена во Аргентина, започна обука за да стане резервистка на армијата на Холандија, во време кога холандската војска настојува да го зголеми бројот на регрути.

    „Бидејќи безбедноста на Холандија повеќе не може да се зема здраво за готово, Максима одлучи да стане резервистка“, соопшти Министерството за одбрана откако таа ја започна обуката на 4 февруари.

    Се очекува кралицата да положи заклетва на крајот на месецов, а новата холандска коалициска влада најави планови за проширување на војската од околу 80.000 на 122.000 војници, во услови на геополитички превирања и војната на Русија во Украина.

    Холандската кралска палата соопшти дека кралицата „како и многу други, сака да даде свој придонес за таа безбедност“. Максима на овој начин го следи патот на ќерка си. Принцезата Амалија, наследничка на холандскиот престол, минатиот месец ја заврши основната воена обука како волонтерка-резервистка во армијата.

    Министерството за одбрана ја пофали одлуката на кралицата, велејќи дека зачленувањето било нејзин личен избор.

    „Но, секако сме многу горди што го прави ова и се надеваме дека и други луѓе ќе помислат: ‘Еј, ова е нешто што и јас би можел да го направам’“, вели Министерството и соопшти дека нејзината обука ќе ги опфати „сите практични и теоретски воени компоненти неопходни за да се стане резервист. Тие вклучуваат физичка издржливост, пукање, самоодбрана, читање мапи и воено право.“

    Откако ќе ја заврши обуката, ќе ѝ биде доделен чин потполковничка и ќе биде „распоредена каде што ќе биде потребно“, соопшти Министерството за одбрана.

    Кралските семејства низ Европа имаат долга традиција на служење во војската, но дури во поново време тоа се практикува и кај двата пола.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира