ХОЛАНДСКАТА ВЛАДА ИМ СЕ ИЗВИНИ НА ВЕТЕРАНИТЕ ОД СРЕБРЕНИЦА

    ХОЛАНДСКАТА ВЛАДА ИМ СЕ ИЗВИНИ НА ВЕТЕРАНИТЕ ОД СРЕБРЕНИЦАПремиерот Марк Руте кажа дека холандските војници биле недоволно опремени да го запрат масакрот и од нив било побарано да направат нешто невозможно. (Фото: Твитер/принтскрин)

    Холандската влада им се извини на стотиците поранешни војници кои беа испратени да ја одбранат Сребреница за време на војната во БиХ. Премиерот Марк Руте кажа дека војниците биле недоволно опремени да го запрат масакрот и од нив било побарано да направат нешто невозможно.

    Во јули 1995 година, 8.000 Муслимани беа масакрирани откако војската на босанските Срби ја зазеде Сребреница.

    Претходно, холандските влади инсистираа дека вината е кај Обединетите Нации кои не успеаја да обезбедат воздушна поддршка.

    Но, зборувајќи пред ветераните во воена база во Холандија, Руте кажа пред војниците од холандскиот мировен контингент „Дачбат 3“ дека не успеале затоа што „вашиот мандат, вашата опрема и воена поддршка што ја добивте за време на вашата мисија беа неадекватни“ за мисијата која што „се докажа дека е невозможна да се исполни“.

    „Денеска, јас се извинувам во име на холандската влада на сите жени и мажи од ‘Дачбат 3’. На сите што сте тука и на оние што не се меѓу нас денес“, им кажа Руте на ветераните.

    Во јули 1995 година, илјадници Муслимани избегаа во безбедната зона на Обединетите Нации во Сребреница, каде што беа заштитени од лесно вооружените холандски војници. Откако договорија предавање на холандските војници, трупите на босанските Срби под водство на генералот Ратко Младиќ ги собраа сите мажи на возраст од 12 до 77 години и во наредните пет дена ги егзекутираа и ги погребаа во масовни гробници.

    Србија негира дека убиствата се дел од геноцидна кампања.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира