Холандскиот премиер Дик Схоф денеска поднесе оставка, неколку часа откако партијата ПВВ на десничарот Герт Вилдерс излезе од владејачката коалиција. Сите министри од редовите на ПВВ се повлекоа, а останатите ќе продолжат да работат како привремена влада.
Нови избори веројатно нема да се одржат пред октомври, а и формирањето нова влада ќе оди тешко поради расцепканата политичка сцена.
„Им кажав на партиските лидери дека пад на владата би бил непотребен и неодговорен. Се соочуваме со големи предизвици на домашната и меѓународната сцена, што бара одлучност од сите нас“, изјави Схоф, кој денеска ќе му ја предаде оставката на кралот Вилем Александер Втори.
Вилдерс кажа дека немал избор освен да излезе од владата откако неговите мигрантски политики не добија поддршка од коалиционите партнери. Тој додаде дека ќе ја води ПВВ на следните избори и се надева дека ќе биде иден премиер.
Неговиот денешен потег стави крај на кревката коалиција, која не успеа да постигне консензус по ниедно прашање откако беше формирана во јули минатата година. Антиисламскиот популист Вилдерс победи на последните парламентарни избори во ноември 2023, но новите анкети покажуваат дека ја губи поддршката на јавноста.