Пред само една недела, Хонгконг се чинеше како модел за тоа како да се стави под контрола ширењето на коронавирусот. Иако град со 7,5 милиони жители, таму имаше околу 150 случаи на коронавирус во почетокот на март, иако цело време се наоѓаше на првата борбена линија на ширењето на заразата.
Ова во голем дел се должеше на раното преземање мерки кои овие денови се стандардни во остатокот од светот, како мапирање на вирусот, социјално дистанцирање, редовно миење раце и носење маска.
Хонгконг сега учи сосема поинаква лекција: што се случува кога прерано ќе се опуштиш.
На 2 март, по неколку недели работа од дома, мнозинството од 180.000 јавни службеници на Хонгконг се вратија во своите канцеларии, се отворија и приватни бизниси, што повторно ја наполни подземната железница. Бројката заразени речиси се удвои минатата недела и иако повеќето се лица дојдени од странство кои со себе го донесле вирусот, има и примери на локално пренесување.
Лидерката на Хонгконг Кери Лам денеска објави дека од среда, на странците ќе им биде забранет влез во градот, а јавните службеници повторно ќе работат од дома, што се очекува да биде следено и од приватните бизниси.
Овие примери кажуваат дека мерките како карантин и социјално дистанцирање мора да продолжат и после првиот бран на зараза, со цел да се избегне вториот.