Хрватска ѝ постави осум услови на Црна Гора што мора да ги исполни за да стане членка на Европска Унија, но премиерот Андреј Пленковиќ изјави дека тоа не е исто како што некои држави ги блокираа(т) пристапните преговори со Македонија. Пленковиќ вели дека Хрватска се однесува конструктивно во поглед на својот сосед Црна Гора, која се стреми кон членство во ЕУ во 2028 година.
„Го имате примерот со Северна Македонија, која, кога го имавме самитот во Загреб во 2000 година, беше пред Хрватска во институционалниот аспект. Тие сè уште не ги започнале преговорите. Постојат две земји кои од 2005 до 2026 ѝ зедоа на Северна Македонија 21 година институционално приближување кон Европска Унија. Хрватска не го зазеде тој пристап. И покрај тешкото наследство, ние пристапивме кон Црна Гора многу конструктивно. И во тој конструктивен процес ги издвоивме оние точки за кои веруваме дека Црна Гора треба да ги исполни“, рече Пленковиќ.
Меѓу барањата на Хрватска е компензација за хрватските државјани кои биле затворени во логорот Морињ меѓу октомври 1991 и август 1992, по окупацијата на дел од регионот на Дубровник од страна на српските и црногорските сили.
Хрватска бара зачувување и трајно поставување на спомен-плоча во овој поранешен логор и преименување на базенот во Котор посветен на Зоран Гопчевиќ, поранешен ватерполист, кој наводно бил чувар во Морињ во 1991 и 1992 година.
Други барања вклучуваат гонење за воените злосторства извршени за време на војната во Хрватска и дополнителни разговори за разграничување меѓу двете земји.
„Некои од нив се на дневен ред веќе две години, без апсолутно никаков напредок. Ќе побараме од нашите колеги да им помогнат да напредуваат, доколку постои цел преговорите да се завршат“, кажа Пленковиќ.
И покрај споровите, Хрватска досега даваше согласност за напредокот на Црна Гора во преговорите за пристапување. Земјата привремено има затворено 21 од вкупно 33 преговарачки поглавја.



