Десетина директори на најголемата компанија на Балканот, хрватски „Агрокор“, беа уапсени во масовната полициска акција, која почна во понеделникот наутро, но полицијата не успеала да ги пронајде основачот на прехранбениот концерн, Ивица Тодориќ, и неговите синови Анте и Иван.
Јавното обвинителство објави дека се приведени 12 лица. Станува збор за членови на управниот и надзорниот одбор на „Агрокор“, како и за вработени во една ревизорска куќа.
Над 300 полицајци биле ангажирани во акцијата, во која што бил направен претрес на 30-ина локации, што вклучува и приватни куќи и деловни простории.
Обвинетите се товарат за злоупотреби во економското работење, фалсификување документи и за криминал во водењето на деловни книги.
Адвокатот на Тодориќ, Рајко Чогуриќ, изјави дека е во контакт со својот клиент, кој, наводно, бил во Лондон.
„Чудно како никој не го контактирал, иако неговата адреса им е позната на државните органи. Кога се одјавуваше од Хрватска, тој како ново престојувалиште го пријави Лондон, но досега не сме добиле никаков официјален повик. Сакаме да ја прекинеме агонијата“, изјави Чогуриќ, додавајќи дека верува оти Тодориќ ќе заврши во притвор.
„Агрокор“, кој вработува дури 60.000 луѓе на целиот Балкан, минатата година претрпил загуби од 1,72 милијарди долари, со што долговите на компанијата достигнале до 6,5 милијарди долари и неговото пропаѓање предизвика голема политичка криза во Хрватска и доведе до распад на владејачката коалиција.
„Агрокор“ со децении важеше за партнер и миленик на власта и на политичките елити во Хрватска, каде што дури се менуваа закони во негова полза. Во април, беше донесен и нов контроверзен закон, со кој државата се обиде да го спаси „Агрокор“.
„Ова не е политички прогон“, изјави хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, откако тргнаа апсењата.