Два танкера што превезувале саудиска сурова нафта го смениле курсот во Црвеното Море по заканите од јеменските хути, додека растечкиот конфликт на Блискиот Исток го наруши превозот низ две од најзначајните енергетски рути во светот. Целосното затворање на теснецот Баб ел-Мандеб би можело да го намали глобалното снабдување со нафта за уште 7%.
Пренасочувањата се случија откако американските сили бомбардираа цели на југот и западот на Иран, кој, пак, ги таргетираше американските објекти во Бахреин, Кувајт и Јордан и најмалку еден танкер беше погоден во Ормускиот Теснец.
Хутите вчера објавија дека воведуваат поморска блокада на Саудиска Арабија, отворајќи потенцијален нов фронт во војната и зголемувајќи ја заканата за глобалното снабдување со енергенси и за трговијата надвор од Заливот.
Двата танкера, кои оваа недела натовариле саудиска сурова нафта наменета за Кина и Индија, направиле полукружно свртување и се упатиле кон Суец. Сепак, изворите велат дека судиското пристаниште Јанбу на Црвеното Море работи нормално.
Агенцијата за поморска безбедност на Обединетото Кралство денеска соопшти дека танкер во Ормускиот Теснец пријавил дека бил погоден од проектил, принудувајќи го екипажот да го напушти бродот и да се качи во чамец за спасување.
Иранската револуционерна гарда вчера кажа дека два танкера експлодирале и се запалиле додека се обидувале да поминат преку необезбедената јужна рута на теснецот. Само четири товарни брода го преминале теснецот вчера, користејќи ја северната лента во близина на брегот на Иран.



