И ЏОНИ МИЧЕЛ БАРА НЕЈЗИНАТА МУЗИКА ДА СЕ ТРГНЕ ОД СПОТИФАЈ ОТИ ПЛАТФОРМАТА ОВОЗМОЖУВА ШИРЕЊЕ ЛАЖНИ ВЕСТИ ЗА КОВИД-19

    И ЏОНИ МИЧЕЛ БАРА НЕЈЗИНАТА МУЗИКА ДА СЕ ТРГНЕ ОД СПОТИФАЈ ОТИ ПЛАТФОРМАТА ОВОЗМОЖУВА ШИРЕЊЕ ЛАЖНИ ВЕСТИ ЗА КОВИД-19Неодговорните луѓе шират лаги кои чинат животи, вели легендарната рок-пејачка. (Фото: АП)

    Пејачката Џони Мичел му се придружи на Нил Јанг во барањето нејзината музика да биде отстранета од Спотифај поради тоа што стриминг платформата овозможува ширење дезинформации за ковид-19.

    „Неодговорните луѓе шират лаги кои чинат животи“, објави канадската пејачка на нејзината официјална веб-страница.

    Во понеделникот, Јанг рече дека Спотифај мора да го избере или него или подкастерот Џо Роган, обвинет за ширење лажни информации за ковид. Во својата порака вчера, Мичел рече дека се солидаризира со канадско-американскиот пејач Нил Јанг и со „глобалните научни и медицински заедници“.

    Двете рок-легенди, Нил Јанг и Џони Мичел, се пријатели долги години, и двајцата преживеале детска парализа. И двајцата се заразиле со болеста во раните 1950-ти, кусо пред да има вакцина.

    За разлика од Јанг, Мичел не го именуваше конкретно Роган во нејзината објава. Сепак, таа вклучи линк до отворено писмо потпишано од група научници и медицински професионалци, кое го критикуваше Спотифај што е домаќин на подкастот на Роган, „Искуството на Џо Роган“.

    Во писмото се обвинува Роган за ширење низа погрешни тврдења и предизвикување недоверба во науката и медицината. Го повикуваат Спотифај да „преземе акција против настаните за масовно дезинформирање што продолжуваат да се случуваат на неговата платформа“.

    Нил Јанг во понеделникот го обвини Спотифај дека „шири лажни информации за вакцините – потенцијално предизвикувајќи смрт на оние кои веруваат во дезинформациите што се шират“. Во средата, Спотифај се согласи да ги отстрани неговите песни од платформата и рече дека се надева оти наскоро ќе одлучи да се врати на платформата. Исто така, ја бранеше својата пракса за отстранувањето на дезинформациите од сервисот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира