Џорџ Клуни изјави дека му е време на Џо Бајден да се повлече од изборната трка, зголемувајќи го притисокот врз актуелниот претседател по неговиот лош настап во дебатата со Доналд Трамп.
„Тешко ми е да го кажам тоа, но Џо Бајден со кого бев на донаторски настан пред три недели веќе не е оној Џо Бајден од 2010. Веќе не е ни Џо Бајден од 2020. Нашите партиски лидери треба да престанат да кажуваат дека 51 милион луѓе не го виделе она што го видовме. Ова е до возраста, ништо повеќе. Нема да победиме во ноември со овој претседател“, напиша холивудската ѕвезда во колумна за „Њујорк тајмс“.
Настанот во Лос Анџелес во јуни беше собир на ѕвезди и важни имиња, како Барак Обама, Џулија Робертс и Џими Кимел, при што беа собрани повеќе од 30 милиони долари за кампањата на Џо Бајден.
Колумната на Клуни излезе истиот ден кога бившата спикерка на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, одби јавно да му изрази поддршка на Бајден и му порача дека мора брзо да реши дали ќе остане во изборната трка.
Од ужасната дебата со Трамп минатиот месец 81-годишниот Бајден се обидува да ги убеди своите сопартијци и донатори дека е способен да остане во кампањата и да го победи Трамп. Десетина конгресмени од редовите на Демократската партија, меѓу кои и еден сенатор, јавно го повикаа Бајден да се повлече или изразија сомнеж во неговите шанси за изборна победа.