И Израел и Хамас прогласија победа во последниот конфликт во Газа откако ноќеска по полноќ на сила стапи примирје, со што беа запрени 11-дневните бомбардирања, во кои загинаа повеќе од 240 луѓе.
Палестинците излегоа на улиците набргу по почнувањето на примирјето, додека Хамас предупреди дека нивните раце се на чкрапалото. Американскиот претседател Џо Бајден го поздрави прекинот на огнот и кажа дека тоа е вистинска можност за регионот. Вчера сè уште се водеа жестоки борби, па Израел изврши повеќе од 100 воздушни напади на Газа, додека Хамас возвраќаше со ракети.
Борбите почнаа на 10 мај, по судирите на Палестинците со израелските безбедносни сили пред светата џамија Ал-Акса во Источен Ерусалим, по што Хамас ги испука првите ракети кон Израел. Во меѓусебните бомбардирања загинаа 232 Палестинци и 12 луѓе во Израел, чија војска тврди дека убила повеќе од 150 милитанти.
Израелскиот безбедносен кабинет соопшти дека предлогот за прекин на огнот бил прифатен едногласно, а министерот за одбрана Бени Ганц изјави дека офанзивата во Газа донесла досега невидени придобивки.
Хамас објави дека примирјето е победа за палестинскиот народ и пораз за израелскиот премиер Нетанјаху.