Во Италија во последните 24 часа починале 636 луѓе од КОВИД-19, што е значителен пораст во однос на вчера, кога имаше 552. Од почетокот на кризата, оваа болест однесе 16.523 животи во земјата, убедливо најмногу на светот.
Наспроти ова, Италија бележи нов пад на бројот на новозаразени, со што продолжува трендот од изминатите денови. Во еден ден се регистрирани 3.599 нови случаи на зараза, 717 помалку од вчера, а вкупната бројка досега порасна на 132.547. Од нив заздравиле речиси 23.000 пациенти.
Австрија ќе биде прва земја во Европа која ќе го олесни карантинот откако канцеларот Себастијан Курц најави дека помали дуќани повторно ќе можат да работат од следната недела. Од 1 мај повторно ќе се отворат поголеми продавници и трговски центри, а од средината на следниот месец постепено ќе се отвораат и ресторани и хотели. До крајот на јуни ќе биде забрането одржување на настани.
Во Австрија досега има над 12.000 заразени и 220 починати од КОВИД-19.
Истовремено, Ангела Меркел изјави дека би била лош канцелар доколку уште сега каже кога ќе бидат укинати ограничувањата во Германија.
„Сѐ уште живееме во пандемија и сега не е време да се зборува за тоа кога би ги укинале рестрикциите“, кажа Меркел.
Германија ја надмина бројката од 100.000 заразени, а 1.609 пациенти починале.