Осомничениот кој вчера беше уапсен за кражба на чантата на американската министерка за внатрешна безбедност (ДХС) Кристи Ноем е илегално во земјата, изјави американскиот обвинител за округот Колумбија. Ед Мартин рече дека по вториот осомничен, кој исто така илегално се наоѓа во земјата, трагаат органите на прогонот.
Не се смета дека осомничениот ја ограбил Ноем затоа што е министерка за внатрешна безбедност, рече Мартин.
„Нема индикации дека е поради тоа. Искрено, беше убава чанта“, рече Мартин во снименото телефонско интервју и додаде дека сега во случајот е вклучен и Одделот за имиграција и царината.
„Упатството на претседателот Трамп кон нас е да ги обвиниме овие луѓе што се тука незаконски и ние ги гониме, како и ги депортираме кога е потребно, знаете, веднаш штом тоа може да се случи“, рече Мартин, додавајќи: „Она што можам да ви кажам е дека нема да се врати на улиците во Америка“.
Лицето што ја зеде чантата знаеше што прави, изјави Мартин.
„Ова не беше аматер. Ова беше личност, крадец, кој знаеше како да го направи тоа. Можеше да се види како ја извидува собата“.
Нема дополнителни информации за идентитетот на мажот. Портпаролот на полицијата на Ваингтон одби да коментира.
Како министерка за внатрешна безбедност, Ноем добива заштита на Тајната служба на САД.
На прашањето за коментар од агентот на Тајната служба кој обезбедуваше заштита на Ноем, портпаролот на агенцијата Ентони Гуљелми рече: „Заради безбедноста на нашите агенти и службеници, не сме во позиција да потврдиме или да коментираме во овој момент. Доколку биде поднесена кривична пријава, Министерството за внатрешна безбедност ќе обезбеди информации од јавен карактер во согласност со утврдените процедури“.
Чантата на Ноем била украдена кога маскиран маж влегол во ресторанот „Капитал бургер“ во Вашингтон, на 21 април навечер. Мажот помина покрај двајца службеници во цивилка на Тајната служба кои седеа во барот на пат кон нејзината маса, која беше горе. Тој потоа седна до масата на Ноем, каде што таа јадеше со своето семејство, и ја стави ногата на нејзината чанта за да ја одвлече кон себе, според два извора кои ја гледале снимката од надзорот. Потоа, тој набрзина ја подигна, ја напика под јакната и излезе надвор, на излегување поминувајќи ги тајните агенти.
Во чантата на Ноем имало готовина од 3.000 долари, како и нејзината значка за влез во Министерството за внатрешна безбедност, нејзиниот пасош, разни кредитни картички, празни чекови, комплет клучеви и нејзината возачка дозвола. Истрагата ја водат полицијата на Вашингтон и Тајната служба на САД.
„Ен-Би-Си Њуз“ ја праша Ноем за ситуацијата на 21 април за време на тркалањето велигденски јајца во Белата куќа. Таа рече дека не може да даде коментар или детали.
„Мислам дека сè уште не можам да коментирам за тоа“, рече таа. „Сè уште не е решено“.