Цунами го погоди Јужниот остров на Нов Зеланд по земјотресот од 7,8 степени што удри нешто по полноќ по локално време на 95 километри од најблискиот град Кристчурч. Цунамито пристигна на североисточниот брег два часа подоцна. Властите велат дека првите бранови може и да не бидат најголеми и се очекува да има цунами активности уште неколку часа. Жителите беа предупредени да се упатат кон внатрешноста на островот или на повисоки места долж брегот.
Помали бранови пристигнаа во Велингтон и други области, но министерството за цивилна заштита соопшти дека највисоките бранови, кои можат да бидат високи и до 5 метри, се очекуваат меѓу Малборо на североисточниот дел од Јужниот остров и полуостровот Бенкс, јужно од Кристчурч.
Жителите на Четам островите, архипелаг на 680 километри од главните острови, исто така, беа предупредени дека можат да бидат погодени од цунами. Илјадници луѓе беа евакуирани од нивните домови, додека афтершокови продолжуваат да го тресат тлото во регионот. Други, пак, на социјалните мрежи им нудат безбедно сместување на луѓето од погодените подрачја.
Нов Зеланд се наоаѓа на „Огнениот прстен“, линија на чести земјотреси и вулкански ерупции што го зафаќа речиси целото крајбрежје на Тихиот океан. Кристчурч се уште се справува со последиците од земјотресот во 2011 година, кога загинаа 185 луѓе и го уништи градскиот центар.