Десетици илјади Киндер јајца беа исфрлени на брегот на германски остров денеска за време на бура. Деца и возрасни се собраа на плажите за да ги собираат црвените, жолти и сини пластични јајца што содржат играчка, на бреговите на островот Лангеог откако бурата Аксел ја погоди Германија со силно невреме вчеравечер.
„Сигурно има над 100.000 јајца“, рече градоначалникот на Лангеог Уве Гарелс кој смета дека играчките се проблем, а не забава.
„Тука нема ништо забавно. Ова е големо еколошко загадување и опасност за животните“, рече тој.
Службите сметаат дека јајцата најверојатно биле натоварени на петте контејнери што паднале од товарен брод.
„Тоа често се случува кога има големи бури“, рече Тобијас Линк од Службата за поморски транспорт.
Јајцата беа исфрлени на брегот без чоколадната обвивка, заедно со Лего играчки со ликовите од „Војна на ѕвездите“ и најлонски кеси со пластични кутии.
„Најверојатно бурата однела контејнери натоварени со играчки“, рече Гарелс.