Илјадници луѓе вчера излегоа од североисточниот град Суми во првата успешна масовна евакуација од почетокот на руската инвазија на Украина пред 14 дена. Гувернерот на регионот Суми, кој се наоѓа во близина на руската граница, кажа дека хуманитарниот коридор кон украинскиот град Полтава ќе биде отворен и денеска.
„Околу 5.000 цивили и повеќе од 1.000 приватни возила се на безбедно“, изјавија од кабинетот на претседателот Зеленски.
Украина кажа дека вчерашното планирано извлекување на цивилите од Чернигов било неуспешно зашто Русите постојано ја гранатирале евакуациската маршрута.
Руските медиуми објавија дека Москва денеска прогласила уште еден прекин на огнот со цел да се отворат хуманитарни коридори од Киев, Чернигов, Суми, Харкив и Мариупол, каде што ситуацијата е најтешка. Тоа е третпат Русија да прогласува примирје, што во изминатите денови ретко се почитуваше, за што двете страни меѓусебно се обвинуваа.