Илјадници Палестинци ги напуштаат своите домови додека Израел продолжува жестоко да ја бомбардира Газа и од копно и од воздух, при што шестчлено семејство беше убиено во својата куќа. Израел тешко оштети станбени населби во она што го нарече операција против тунелите на палестинските милитанти.
Додека се зголемуваат меѓународните напори за прекин на огнот, Израел ги засилува нападите, во обид да му нанесе значителни штети на Хамас, кој испука стотици ракети кон израелските градови.
„Најголемата офанзива против Хамас во последните години не е завршена. Тие го напаѓаат нашиот главен град, лансираат ракети кон нашите градови. Скапо ќе платат за тоа“, изјави премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Од понеделникот, кога почнаа борбите, во Газа загинаа најмалку 122 луѓе, од кои 31 дете, како и осуммина во Израел.
Израелската војска вчера мобилизираше 9.000 резервисти, кои се придружија на силите стационирани на границата со Газа, додека портпаролот на армијата најави можна копнена офанзива, која досега не се случи. Место тоа, Газа беше гаѓана со артилерија од израелската страна на границата, а цел наводно биле тунелите под градот.