Илјадници луѓе и вчера маршираа по улиците на Белград, на петтата сабота од протестите против политиките на претседателот Александар Вучиќ. Тие ја обвинуваат власта дека презела контрола врз медиумите и дека врши напади врз опозицијата и новинари.
Токму претепувањето на опозицискиот политичар Борко Стефановиќ во ноември беше поводот да почнат протестите, кои, освен во Белград, вчера во помал обем се одржаа и во Нови Сад и во Крагуевац.
Носејќи голем транспарент со натпис „еден од пет милиони“ на чело на колоната, на неколкуте илјади демонстранти им се придружија и студенти и уметници. Пораката се однесува на претходна изјава на Вучиќ дека нема да го исполни барањето на опозицијата за слободни медиуми дури и доколку пет милиони луѓе излезат на улиците.