ИМА ОПАСНОСТ ОД ТРГОВИЈА СО ЛАЖНИ ВАКЦИНИ ПРОТИВ КОВИД-19, ПРЕДУПРЕДИ ЕВРОПОЛ

    ИМА ОПАСНОСТ ОД ТРГОВИЈА СО ЛАЖНИ ВАКЦИНИ ПРОТИВ КОВИД-19, ПРЕДУПРЕДИ ЕВРОПОЛ„Веднаш штом на пазарот ќе излезе вистинската вакцина, се очекува брзо да се појават и прошират нејзини фалсификувани верзии“, соопшти Полициската агенција на ЕУ - Европол. (Фото: Ројтерс)

    Полициската агенција на Европската унија – Европол, предупреди за ризик од измами на организиран криминал поврзани со вакцините против ковид-19, вклучувајќи и можност криминалци да продаваат лажни вакцини или да крадат пратки со вистински дози. Европол посочува дека криминални групи веќе се подготвуваат да ги искористат можностите што ги дава пандемијата на коронавирусот.

    „Веднаш штом на пазарот ќе излезе вистинската вакцина, се очекува брзо да се појават и прошират нејзини фалсификувани верзии“, соопшти Европол.

    Како пример се наведува лажната вакцина против грип, која Светската здравствена организација (СЗО) ја откри во Мексико во октомври. На истиот начин, може да се појават и „лажни вакцини против ковид-19, што претставува огромна закана за јавното здравје, бидејќи тие во најдобар случај можат да бидат неефикасни, а во најлош случај токсични, имајќи предвид дека ќе се произведуваат во нелегални лаборатории без придржување кон хигиенските стандарди“, вели Европол.

    Во документот се предупредува дека „лажните вакцини може да имаат уште посериозен негативен ефект ако се појават нови епидемиски бранови во заедници кои се претпоставува дека се вакцинирани“. Европол повикува на внимателност, бидејќи е можно криминалци да се вмешаат во развојот и дистрибуцијата на вакцините. Се очекува зголемување на опасноста кога вакцините ќе бидат достапни. Европол предупреди и дека можно е криминалците да ги собираат и повторно да ги полнат употребените шишенца со вакцини,ако тие не бидат правилно уништени.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира