Приказните и фотографиите на оние за кои се верува дека биле пронајдени мртви во камион во Англија минатата недела најчесто водат кон Франција.
Оваа земја важи за транзитна точка во шверцерската мрежа и отскочна штица кон Лондон. Но, додека е лесно да се стигне до Франција од Германија, Белгија или Полска, многу е потешко и поскапо оттаму да се дојде до Велика Британија.
Нгујен Ван Хунг последно бил виден на пат од Марсеј за Париз. Неговиот татко требало да ги плати последните 10.000 фунти по доаѓањето на камионот во Британија, но оттаму никогаш не му се јавиле.
Нгујен Динх Луонг исто така живеел во Франција во последните 18 месеци и пред десет дена им рекол на своите роднини дека заминува за Британија. И тој сега е исчезнат.
Би-Би-Си зборуваше со Виетнамец кој по истата илегална маршрута минатата недела дошол од Белгија во Британија и тој вели дека познавал 12 од оние за кои се верува дека се починати.
„Заминав за Британија само ден пред овие 39 луѓе кои починаа. Ние бевме седуммина во камионот, но имавме среќа, зашто не беше ладилник, па дишењето не беше проблем. Дојдов во Британија заради работа, но сега сум во шок“, кажа тој.
Тој патувал од Виетнам преку Русија до Германија и оттаму стигнал до Франција.
„Местото на тргнување цело време се менува. Побрзо е ако има камион што оди директно од Германија или Белгија, зашто така се избегнува Париз. Но, само оние со повеќе пари можат да си го дозволат тоа“, вели Ти Хиеп Нгујен, еден од водечките француски познавачи на проблематиката.
Тој додава дека шверцерските босови не се само во Париз, туку ги има низ цела Европа.
Во меѓувреме, британските власти и натаму го утврдуваат идентитетот на 39-те починати мигранти, но се верува дека половина од нив потекнуваат од една мала област во Виетнам.