Деветмина се уапсени во Албанија под обвинение за убиство и злоупотреба на моќта по земјотресот од минатиот месец, во кој загинаа 51 лице.
Како што објави полицијата, двајца од нив биле сопственици на нелегално изградени хотели што се урнаа во Драч, една од најтешко погодените области. Нелегалното градење е еден од најголемите проблеми во земјата од падот на комунизмот во 1990 година, кога голем број жители се преселија во градови, по што почна масовно да се гради со слаба контрола од власта.
Над 14.000 луѓе останаа без дом по земјотресот од 26 ноември, најтежок во Албанија во последните неколку децении.
Обвинителите издадоа вкупно 17 налози за апсење на инвеститори, градежни инженери и официјални лица поради прекршување на безбедносни стандарди при градење. Осуммина се недостапни за полицијата и се верува дека некои од нив избегале од земјата по земјотресот.
Епицентар на земјотресот со јачина од 6,4 степени според Рихтерова скала бил 34 километри северозападно од Тирана и најмногу мртви имаше во Драч и Тумане. За да помогне во обновата, Европската комисија ќе одржи донаторска конференција во Тирана следниот месец.