САД извршија нови напади врз Иран, откако со дрон беше нападнат брод под панамско знаме во Ормускиот Теснец вчера. Централната команда на САД (Сентком) соопшти дека погодила повеќе цели низ Иран како директен одговор на „континуираната агресија“ врз комерцијалниот превоз.
Како одмазда, Иранската револуционерна гарда соопшти дека лансирала ракети и беспилотни летала кон американската инфраструктура во Кувајт и Бахреин.
По размената на оган, САД и Иран се обвинија меѓусебно за кршење на договорот за прекин на огнот.
„На Иран му беше дадена шанса да го почитува договорот за прекин на огнот, но одлучи да не го стори тоа кога неговите сили лансираа дронови што погодија танкер со панамско знаме. Како одговор, американските борбени авиони извршија напади врз 10 ирански воени цели на повеќе локации во и во близина на Ормускиот Теснец. Тие вклучуваат воена опрема, комуникациски системи, локации за воздушна одбрана и објекти за складирање беспилотни летала“, соопшти Сентком
Иранската револуционерна гарда кажа дека лансирала балистички ракети и дронови кон клучни делови од инфраструктурата во бази во Кувајт и Бахреин и ги уништила.
„Според меморандумот за разбирање потпишан овој месец, Иран има договори за контрола на преминот и пловидбата во Ормускиот Теснец и отсега, со бродовите што ги прекршуваат правилата ќе се справуваме посилно отколку во минатото. На секоја потенцијална непријателска агресија, под кој било изговор, ќе има уништувачки одговор“, кажа Гардата.
Набргу по американските напади врз Иран, Трамп рече дека е „многу можно дека Техеран никогаш нема да научи“.
„Може да дојде момент кога повеќе нема да можеме да бидеме разумни и ќе бидеме принудени воено да ја завршиме работата што многу успешно ја започнавме. Ако тоа се случи, Исламската Република Иран повеќе нема да постои“, кажа Трамп.
Кувајт и Бахреин потврдија дека нивните системи за воздушна одбрана биле активирани, додека Сентком соопшти дека комерцијалните бродови продолжуваат да пловат низ Ормускиот Теснец.
Најновите напади уследија помалку од еден ден откако САД извршија напади врз Иран, за кои рекоа дека биле одговор на нападот со дронови врз товарен брод кој пловел под знамето на Сингапур.



