ИРАН ОБВИНИ НЕИМЕНУВАНИ ТЕРОРИСТИ ЗА СМРТТА НА 2.000 ЛУЃЕ НА ПРОТЕСТИТЕ

    ИРАН ОБВИНИ НЕИМЕНУВАНИ ТЕРОРИСТИ ЗА СМРТТА НА 2.000 ЛУЃЕ НА ПРОТЕСТИТЕВреќи се тела изложени пред мртовечница во Кахризак во близина на Техеран (Фото: АП)

    Околу 2.000 луѓе, вклучувајќи припадници на безбедносните сили, загинале во антивладините протести во Иран, изјави еден ирански функционер за „Ројтерс“. Активистичките групи досега наведуваа бројка од над 600 убиени, додавајќи дека точната бројка е веројатно многу поголема.

    Иранскиот функционер кажа дека за смртта на демонстрантите и припадниците на безбедносните сили се виновни терористи, без да навлегува во детали.

    Најголемите немири во Иран во последните три години почнаа на 28 декември поради растечките економски проблеми во земјата. Иранските верски власти се обидоа да имаат двоен пристап кон демонстрациите, нарекувајќи ги легитимни, додека истовремено спроведуваат строги безбедносни мерки. Тие ги обвинија САД и Израел за поттикнување немири и рекоа дека терористите ги киднапирале протестите.

    Интернетот и СМС-пораките во Иран и натаму се блокирани, но властите ги олесниле ограничувањата за телефонски повици кон странство.

    Државните медиуми објавија дека ноќеска немало протести и немири во многу градови низ земјата, вклучувајќи го Техеран, но затоа се одржаа маршеви за поддршка на власта, во кои наводно учествувале три милиони луѓе.

    По заканите од Доналд Трамп, Иран соопшти дека е отворен за разговори со САД, но и дека е спремен за војна. Тимот за национална безбедност на Трамп денеска ќе се сретне во Белата куќа за да разговара за опции за Иран. Трамп претходно кажа дека американската војска разгледува многу силни воени опции, тврдејќи дека иранските лидери му се јавиле, барајќи да разговараат.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира