Иран погоди и запали целосно наполнет таанкер крај Дубаи откако Доналд Трамп се закани дека ќе ги уништи иранските енергетски постројки и нафтени извори ако наскоро не прифати договор. Нападот врз кувајтскиот танкер „Ал-Салми“ е последниот во низата ирански напади врз трговски пловила во Заливот и Ормускиот Теснец од почетокот на војната.
„Кувајт петролеум“, сопственикот на бродот, кажа дека нападот предизвикал пожар и оштетувања на трупот, но немало повредени. Танкерот може да превезува два милиона барели нафта, вредни 200 милиони долари.
Локалните власти објавија дека танкерот бил погоден со дрон, но дека немало истекување на нафта во морето. Пожарот по неколку часа бил ставен под контрола и изгаснат.
Илјадници припадници на американската елитна 82. зрачно-десантна дивизија почнале да пристигнуваат на Блискиот Исток вчера, изјавија двајца американски функционери, што ги проширува воените опции на Доналд Трамп, вклучувајќи и можен копнен напад. Портпаролката на Белата куќа, Керолајн Ливит, изјави дека Трамп сака да склучи договор со иранските лидери пред истекувањето на вториот краен рок за отворање на Ормускиот Теснец, кој сега трае до 7 април.
„Вол стрит џурнал“ објави дека Трамп им рекол на своите соработници дека е спремен да ја заврши воената операција против Иран и доколку Теснецот остане затворен во најголем обем. Реагирајќи на овие написи, државниот секретар Марко Рубио изјави дека „Теснецот ќе биде отворен на еден или друг начин“.
Иран потврди дека ги добил преку посредниците американските предлози за прекин на огнот, но ги опиша како претерани, нелогични и нереалистични.
„Нашата позиција е јасна. Ние сме под воена агресија. Затоа, сите наши напори и сили се фокусирани на одбраната“, изјави портпаролот на иранското министерство за надворешни работи Есмаил Багае.



