ИРАН СЕ НАДЕВА ДЕКА МОЖЕ ДА ИСТРАЕ ПОДОЛГО ОД ТРАМП И СО ЕСКАЛАЦИЈА ДА ДОЈДЕ ДО ПОДОБРА ПРЕГОВАРАЧКА ПОЗИЦИЈА

    ИРАН СЕ НАДЕВА ДЕКА МОЖЕ ДА ИСТРАЕ ПОДОЛГО ОД ТРАМП И СО ЕСКАЛАЦИЈА ДА ДОЈДЕ ДО ПОДОБРА ПРЕГОВАРАЧКА ПОЗИЦИЈАПо попречувањето на сообраќајот низ Ормускиот Теснец, каде што пред конфликтот минуваше петтина од светската нафта, стигнуваат сигнали дека ниту еден поморски пат не е заштитен. (Фото: ДПА)

    Техеран користи стратегија на пресметана ескалација со цел да ја истиснува актуелната американска администрација преку претворање на трговските патишта, поморските сообраќајни коридори и енергетската инфраструктура на Блискиот Исток во точки на постојан притисок, проценуваат аналитичарите и официјалните претставници од Персискиот Залив.

    Наместо директен воен судир, иранските власти го прошируваат конфликтот без да го преминат прагот на сеопфатна војна. Нивната цел е да ги убедат САД и нивните сојузници дека задржувањето на кризата ги чини повеќе отколку прифаќањето на барањата за поголема улога на Иран во управувањето со Ормускиот Теснец.

    Со загрозување на повеќе поморски премини и енергетски капацитети, Техеран смета дека ја зајакнува својата преговарачка позиција. Аналитичарите велат дека најголемата предност на Иран не е директното воено оштетување на САД или Израел, туку можноста за нанесување штета врз регионалните држави и глобалното стопанство.

    По попречувањето на сообраќајот низ Ормускиот Теснец, каде што пред конфликтот минуваше петтина од светската нафта, стигнуваат сигнали дека ниту еден поморски пат не е заштитен. Заканите во Црвеното Море и кон саудиските енергетски објекти ги тестираат границите на толеранција на Вашингтон, додека воените команданти во Техеран проценуваат дека со проширување на кризата може да добијат повеќе во преговорите.

    Во центарот на спорот е контролата врз Ормускиот Теснец. Оман претстави предлог поддржан од заливските земји за управување со водениот пат, кој вклучува доброволни такси за користење. Сепак, Иран бара административна власт врз теснецот и право за наплата на услуги, што за Вашингтон е неприфатливо бидејќи инсистира патот да остане меѓународен и слободен за пловидба.

    Како одговор на проширувањето на заканите надвор од Ормускиот Теснец, регионалните и западните сили формираа одбранбена поморска коалиција предводена од Саудиска Арабија, која се фокусира на придружба на трговските бродови, размена на разузнавачки податоци и заштита на морските патишта, наместо на директен воен конфликт со Иран.

    Во суштина, двете страни водат битка на издржливост. Раководството во Техеран верува дека може да го издржи економскиот притисок подолго отколку што коалицијата предводена од САД може да ги толерира прекините во глобалната трговија и пазарите на енергенси. Поради ова, сите обиди за намалување на тензиите засега наидуваат на одговори со нова ескалација, зголемувајќи ги ризиците од неконтролиран конфликт.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира